Поранешниот голман на Вардар и европски шампион со „црвено-црните“ во 2017 година, Страхиња Милиќ, е нов директор на младинските категории на Партизан, пишува Моцарт Спорт.
По именувањето на Иван Димитријевиќ за нов спортски директор на Партизан, во клубот на голема врата се враќа и Страхиња Милиќ. Џамбо, како што го нарекуваат во ракометниот свет, ќе биде задолжен за развојот на младинската школа на српскиот шампион.
Милиќ е поранешен репрезентативец, беше дел од селекцијата што освои сребрен медал на ЕП во Белград во 2012 година, иако тогаш беше трет избор на селекторот Веселин Вуковиќ, зад Дарко Станиќ и Драган Марјанац.
По периодот во Партизан, кариерата го донесе во Скопје, каде ги оствари најголемите успеси. Со Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2017 година и остави длабока трага во македонската престолнина.
Кариерата ја заврши релативно рано, на само 28 години. Неколку години подоцна се обиде да се врати на терените во дресот на Партизан, но обидот не беше успешен.

























