Девет апликации за шест вајлд карти – еве кои му се конкуренти на Еурофарм Пелистер

По завршувањето на спектаклот во Келн и титулата на Магдебург, Европската ракометна федерација го објави списокот на 19 клуба кои се пријавиле за настап во новата сезона 2025/26 во најелитното клупско натпреварување – Лига на шампиони.

Според правилата, десет екипи имаат загарантирани места во групната фаза, додека девет клуба, меѓу кои и македонскиот Еурофарм Пелистер, аплицирале за вајлд-карта.

Покрај Магдебург, директно место во групите имаат Фуксе Берлин, Барселона, Веспрем, Висла Плоцк, ПСЖ, Спортинг Лисабон, Динамо Букурешт, Загреб и Алборг.

Еурофарм Пелистер ќе има силна конкуренција за преостанатите шест места. Покрај македонскиот шампион во игра се уште данскиот ГОГ Гудме, францускиот Нант, унгарскиот ПИК Сегед, полскиот Келце, португалскиот Порто, швајцарскиот Кадетен, норвешкиот Колстад и словенечкиот Слован Љубљана.

Лесно е да се претпостави дека Нант, Келце и ПИК Сегед се сигурни во елитата, пред портите на ЛШ се и ГОГ Гудме и Колстад, додека битолчани ќе се борат со Порто, Кадетен и Слован.

Словенечкиот тим тешко дека ќе ја добие поканата од ЕХФ, а европската куќа на ракометот нема да дозволи две португалски екипи во групите, додека Кадетен покрај што нема голем број на навивачи, нема ниту квалитетен ростер за ова ниво.

ЕХФ потврди дека конечната одлука ќе ја донесе специјална евалуациска комисија, а финалниот список со 16 екипи ќе биде официјално објавен на 24 јуни 2025.