Ракометарките на Деспина ја запишаа својата петта сезонска победа, совладувајќи го младиот тим на Јехона со убедливи 25-11 во натпревар од 10. коло во Првата лига.
Домашниот состав доминираше од самиот старт, а клучна фигура во триумфот беше одличната Анастасија Јованоска, која одигра инспиративен меч и постигна десет погодоци. Четири гола додаде Маја Ристеска, а Матеа Христоска запиша со пет успешни реализации.
Во редовите на Јехона најрасположена беше Алтина Хасани, која постигна шест гола и беше најдобра во својот тим.
Со овој успех, Деспина го зголеми своето конто на 10 бодови, израмнувајќи се со Овче Поле СУ, кој има и натпревар помалку. Второто место на табелата му припаѓа на Ѓорче Петров 2 со 12 бодови, додека лидерската позиција засега цврсто ја држи Атлетик со 16 бодови.
























