Екипата на Деспина на гостувањето во Скопје кај Шампион ја оправда фаворитската улога триумфирајќи со 29:15.
Избраничките на Адријано Котевски до победата дојдоа со одличната игра во вториот дел, во кој примија само седум, а дадоа дури 18 гола.
Победничката екипа беше предводена од Андреа Конеска со шест погодоци, а ја следеше Анастасија Јованоска со пет реализации.
Во поразениот табор најрасположена за игра беше Мила Филипова со четири погодоци, три запиша Ивона Ивановска.
На убедлива победа се радуваше и Куманово, кој во Гевгелија кај истоимената екипа без проблеми дојде до триумф од 37:20.
Гостинките од Куманово работата си ја завршија во првите 30 минути кога на пауза заминаа со предност од 22:6.
Кружниот напаѓач Сара Цветановска беше најефикасна на натпреварот со 13 погодоци, додека на спротивната страна Елена Димова постигна девет.