Предводени од Марко Каркалашев со десет голови, „витамините“ од Автокоманда славеа против Вардар Неготино со 32-22.
Гостите беа во игра во првите петнаесетина минути, водеа со 6-4, потоа беше и нерешено, 7-7, но неготинци останаа без ударната игла во нападот, Лазар Стојанов.
Тој престрого доби црвен картон и мораше на трибини, па домаќините го искористија тоа и отидоа на плус четири, 12-8, а до паузата и на шест гола разлика, 18-12. Второто полувреме беше само формалност, па шанса за настап добија сите ракометари од двата тима.
Покрај Каркалашев, во победничкиот тим се истакнаа Бобан Поповски со пет и Христијан Гурмешевиќ со четири погодоци, додека кај Вардар Неготино, седум гола имаше Драган Кузманов.
На табелата лидер е Еурофарм Пелистер 2 со 26 бода, додека втори се „витамините“ со 25, но и три меча повеќе, а третото место е за Македонија Ѓорче Петров со 19 бодови со три натпревари помалку.