Денеска со натпреварите меѓу Кипар и Турција, односно Велика Британија и Косово, ќе стартува борбата за билети за Светското првенство во Германија во 2027 година. Покрај овие два двомечи, во првиот бараж ќе играат меѓусебе Летонија и Луксембург.
Македонија ќе стартува со битки за СП 2027 во март или во мај догодина, во зависност од пласманот на ЕП 2026, а тоа значи дека ќе игра еден или два баражи, односно ќе се приклучи или во вториот или во третиот мундијалски бараж.
Европа има 14 места за Мундијалот во Германија, не сметајќи ги домаќинот и светскиот првак Данска. Четири од тие места ќе бидат пополнети преку полуфиналето претстојното Европско првенство 2026 во Данска, Шведка и Норвешка, а десет места ќе се пополнат преку три баражи.
ЕХФ реши да има три баражи за СП 2027, па патот до Германија ќе биде многу долг, особено за најслабо рангираните селекции. Нас во фокусот ни е Македонија, која го „скока“ првиот бараж поради учеството на ЕП 2026. Таму избраниците на Кирил Лазаров ќе се соочат со Данска, Романија и Португалија.
Секој пласман од 19 до 24 место на ЕП 2026 носи два баражи или две пречки за нашата селекција до ново големо натпреварување – СП 2027, а пласман до 18 место ќе значи играње на само еден бараж, односно оној третиот во мај 2026 година.
Доколку бидеме пласирани во ТОП 16 (сметајќи дека Данска и Германија ќе бидат таму) тогаш ќе бидеме дел и од привилегираните во ждрепката за бараж 3. За таков пласман ќе ни треба најмалку една победа на ЕП, но и да бидеме меѓу најдобрите четири од шесте третопласирани на крајот од сите групи.
Македонија ќе биде во група со домаќинот Данска, Португалија и Романија на ЕП 2026, па за да бидеме меѓу најдобрите 16 мора да ја победиме Романија, но и да имаме подобра гол-разлика од најмалку други две третопласирани селекции.
СП 2027 Германија, квалификации:
БАРАЖ 1 (29.10.2025/01-02.11.2025)
Летонија – Луксембург (01/11, 20:00 Луксембург – 02/11, 18:30 Луксембург)
Кипар – Турција (29/10, 19:00 Никозија – 02/11, 14:00 Мугла)
Велика Британија – Косово (29/10, 18:00 Дерби – 02/11, 17:15 Приштина)
БАРАЖ 2 (18-19.03.2026/21-22.03.2026)
шешир 1: Босна и Херцеговина, Грција + шест селекции од ЕП 2026 (19-24 место)
шешир 2: Израел, Финска, Белгија, Словачка, Литванија + три победници од БАРАЖ 1
БАРАЖ 3 (13-14.05.2026/16-17.05.2026)
шешир 1: десет селекции од ТОП 16 на ЕП 2026 (без Данска, Германија и полуфиналистите)
шешир 2: осум победници од БАРАЖ 2 + две селекции од ЕП 2026 (17-18 место)
Учесници на ЕП 2026 покрај Македонија и домаќините Данска, Шведска и Норвешка се Германија, Франција, Хрватска, Унгарија, Португалија, Исланд, Шпанија, Словенија, Холандија, Австрија, Црна Гора, Швајцарија, Полска, Чешка, Србија, Италија, Фарски Острови, Романија, Грузија и Украина.
Директно место на СП имаат обезбедно домаќинот Германија, како и светскиот првак Данска, а преку ЕП 2026 пласман на Мундијалот во 2027 година ќе обезбедат и полуфиналистите на континенталниот собир.
Ждрепката за вториот и третиот бараж ќе се одржи на последниот ден од ЕП 2026, па Македонија тогаш ќе го дознае својот пат до ново учество на големо натпреварување. Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година во шест градови – Магдебург, Келн, Штутгарт, Хановер, Минхен и Кил.























