ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Продолжуваат возбудувањата во елитата, стартува и прволигшакиот плеј-оф

Откако вчера Вардар и Струга го отворија 4. коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут, денеска продолжуваат возбудувањата во најсилното натпреварување во Македонија.

Со почеток од 15:00 часот во Автокоманда првото соочување сезонава ќе го имаат дебитантот и вториот тим на Еурофарм Пелистер 2. Битолчани токму против новакот ќе бараат рехабилитација за загубениот натпревар во минатото коло од Вардар Неготино и со евентуална победа ќе освојат важни бодови во борбата за опстанок.

Тимот на Скопје за ривал во 4. коло го има Вардар Неготино, кој во претходните две кола, против Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2, дојде до триумф. Скопје во досегашниот тек од плеј-аут фазата не успеа да освои бод.

Амбициозниот тим на Тиквеш по победата над Вардар ја зголеми самодовербата и на денешниот дуел против Бутел ќе атакува на нови бодови. Бутел немаше посакуван старт во плеј-офот и беше поразен во првите три кола.

Шампионот Еурофарм Пелистер пред својата публика ќе го пречека Пролет. Како што е познато, скопскиот тим е предводен од екс тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, кој сигурно ќе има подготвено добра тактика против неговиот поранешен клуб.

Со натпреварот меѓу Младост и Драчево ќе започне прволигашкиот плеј-оф, во кој се очекува интересна борба за првите три позиции на табелата. Во вечерниот термин од 20:00 часот ќе играат уште Металург РА и Радовиш, екипи, кои исто така се натпреваруваат во прволигашкиот плеј-оф.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

15:00 МУЛТИ ЕСЕНС – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2
17:00 СКОПЈЕ – ВАРДАР НЕГОТИНО
17:00 МЛАДОСТ – ДРАЧЕВО
18:00 ГОЛДЕН АРТ  – КУМАНОВО
18:00 БУТЕЛ – ТИКВЕШ
18:00 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ПРОЛЕТ
20:00 МЕТАЛУРГ РА – РАДОВИШ