Денеска во салата „Јасмин“ во Кавадарци ќе се „емитува“ третата епизода од најголемото македонско дерби во две недели меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.
По битките во Охрид и Скопје на пријателските турнири, двете најдобри наши екипи ќе се сретнат во натпревар за трофеј во Супер Купот на Македонија.
Пелистерци запишаа три победи по ред над големиот ривал во македонското „ел класико“ и сигурно влегуваат со поголема самодоверба.
Вардар е „ранетиот лав“, тренерот Чупиќ беше лут на своите избраници по последниот пораз, па „црвено-црните“ ќе бараат одмазда за трите порази по ред – оној во јуни во битката за титула, плус двата на турнирите во Охрид и Скопје.
Чупиќ и Гарабаја ќе сметаат на осуммина од странските ракометари за оваа пресметка, па составите на двете екипи сигурно ќе претрпат измени од последните натпревари.
Ова е осмо издание на Супер Купот на Македонија, кој се игра од 2017 година, а не се одржа само во 2020 година поради пандемијата. Вардарци имаат четири трофеи, пелистерци два, додека еден трофеј има „сино-белиот“ тим од Автокоманда.
Натпреварот е закажан за 19:00 часот во салата „Јасмин“, а билетите се продаваат по цена од 200 денари.