ДЕНЕСКА НА ЕП: Не чека незаборавен ден во Хернинг и Малме

група 1

Откако Данска стана првата репрезентација од група 1 што обезбеди пласман во полуфиналето на Европското првенство, денешната програма носи директен дуел за второто место и пласман меѓу најдобрите четири.

Германија ќе обезбеди полуфинале со победа или реми, додека актуелниот шампион Франција мора да победи ако сака да ја продолжи одбраната на титулата. Во исто време, преостанатите три селекции ќе се борат за позициите што водат кон мечот за 5/6 место, кој се игра во петок.

🇪🇸 ШПАНИЈА 🆚 🇵🇹 ПОРТУГАЛИЈА | 15:30 | МТВ

Шпанија конечно се „разбуди“ во главната фаза. По три последователни порази од Германија, Норвешка и Данска, „фуријата“ славеше над Франција со 36-32 и ги освои првите бодови. Победа против Португалија, во комбинација со порази на Норвешка и Франција, би ѝ овозможила на селекцијата на Жорди Рибера да игра за петтото место.

Португалија, пак, има три бода по ремито со Норвешка и поразите од Германија и Франција. За да остане во трката за 5/6 позиција, ѝ е потребна убедлива победа. Посебно внимание привлекува Франциско Кошта, кој со 47 гола е израмнет со Матијас Гидсел на врвот на листата стрелци.

🇩🇪 ГЕРМАНИЈА 🆚 🇫🇷 ФРАНЦИЈА | 18:00 | МТВ

Најочекуваниот натпревар на денот. Германија и Франција ќе решаваат која селекција ќе и се придружи на Данска во полуфиналето. Германците се втори со шест бода, но доаѓаат по пораз од Данска (26-31), додека Франција е трета со четири бода по неочекуваниот пораз од Шпанија.

Историјата и бројките најавуваат жесток дуел, Франција има најдобар напад на турнирот, додека Германија ќе се потпира на цврста одбрана и расположени голмани. Последниот меѓусебен меч беше на Олимписките игри во Париз 2024, кога Германија славеше по продолженија.

🇩🇰 ДАНСКА 🆚 🇳🇴 НОРВЕШКА | 20:30 | МТВ

Данска веќе го обезбеди полуфиналето, но против Норвешка сака да го заокружи настапот во главната фаза со уште една добра партија. Норвежаните имаат три бода и им е потребен најмалку уште еден за да останат во игра за петтото место, во зависност од исходот на мечот меѓу Шпанија и Португалија.

Историјата е целосно на страната на Данска, но Норвешка се надева дека може да изненади во меч со висок ритам и голем интензитет.

група 2

Главната рунда во група 2 на Европското првенство влегува во својата кулминација. Во среда, во Малме, четири репрезентации сè уште сонуваат пласман на завршниот викенд во Хернинг, а расплетот ветува драма до последниот свиреж.

Програмата започнува со директен полуфинален дуел меѓу Словенија и Исланд, меч кој не само што ќе одлучи за нивната судбина, туку може индиректно да влијае и врз шансите на Хрватска и Шведска. Хрватите се во најповолна позиција, додека Швеѓаните мора да бркаат победа и да се надеваат на „подароци“ од другите терени.

🇸🇮 СЛОВЕНИЈА 🆚 🇮🇸 ИСЛАНД | 15:30 часот | МТВ

Исланд моментално е втор на табелата со пет бода, додека Словенија има четири и се наоѓа на четвртата позиција. И двете селекции се во игра за полуфиналето – Исланд обезбедува пласман со победа, или со реми доколку Шведска не побед, додека Словенија мора да победи и да чека пораз на Шведска.

Исланѓаните во главната рунда ја совладаа Шведска (35-27), минимално загубија од Хрватска (29-30) и одиграа спектакуларно реми со Швајцарија (38-38). Словенија, пак, ја победи Унгарија (35-32), но загуби од Шведска (31-35) и Хрватска (25-29).

Последниот нивни дуел на ЕП се одигра токму во Малме, во 2020 година, кога Словенија славеше со 30-27.

🇭🇷 ХРВАТСКА 🆚 🇭🇺 УНГАРИЈА | 18:00 часот | МТВ

Хрватска е лидер во групата и има најјасна патека до полуфиналето – пласман со победа или со реми, доколку Исланд или Шведска не победат, а дури и пораз може да биде доволен, ако Исланд или Шведска загубат.

Доколку се квалификува, Хрватска ќе игра полуфинале за првпат по 2020 година, кога стигна до сребро. Унгарија веќе нема шанси за полуфинале или меч за 5/6 место, но ќе се обиде да го заврши турнирот со позитивен резултат.

Под знак прашалник е настапот на Звонимир Срна (28 гола), кој се повреди против Словенија, додека кај Унгарија прв стрелец е Бенце Имре со 39 гола.

🇨🇭 ШВАЈЦАРИЈА 🆚 🇸🇪 ШВЕДСКА | 20:30 часот | МТВ

Шведска доживеа вистински ролеркостер во главната рунда, победа над Словенија, тежок пораз од Исланд и реми со Унгарија. Сега нема право на кикс и за полуфинале им е потребна победа, и притоа Исланд или Хрватска да не победат, или реми, но само ако Исланд или Хрватска загубат.

Швајцарија веќе е елиминирана, но се бори за најдобар пласман во историјата на ЕП (досега 12. место во 2004). Четворица нивни играчи ќе станат рекордери по настапи на ЕП со 13 меча. За Шведска, евентуална елиминација би значела прво отсуство од полуфинале од 2020, по златото во 2022 и бронзата во 2024.