ДЕНЕСКА НА ЕП: Германија ќе ја предизвика Данска, Франција мора да ја победи отпишаната Шпанија

Возбудата во Хернинг достигнува врв, бидејќи завршницата на главната рунда на Европското првенство 2026 е сè поблиску. На само две кола до крајот, дури пет репрезентации од групата 1 се уште имаат математички шанси за пласман во полуфиналето.

Германија е лидер и може уште вечерва да го завери билетот меѓу најдобрите четири, додека зад нив се создава вистински метеж. Норвешка и Португалија играат директен елиминациски дуел, Франција сака да ја искористи формата, а Данска и Германија ќе одиграат дерби што може да ја реши групата.

🇵🇹 ПОРТУГАЛИЈА – 🇳🇴 НОРВЕШКА
🕞 Понеделник, 26 јануари | 15:30 часот | МТВ1

Дуел на „се или ништо“ во Хернинг. Португалија и Норвешка се израмнети на табелата и пораз за една од двете селекции ќе значи крај на сонот за полуфинале.

Португалците ја започнаа главната рунда со два бода, но потоа беа поразени од Германија (30-32) и Франција (38-46). Норвешка, пак, има победа над Шпанија (35-34) и пораз од Германија (28-30).

„Норвешка е многу незгодна екипа и игра ракомет со висок ритам. По натпреварот со Франција мора да бидеме попрецизни и многу подобри во одбраната“, вели Мартим Кошта.

„Португалија ќе дојде со огромна мотивација. Мораме ментално да се ресетираме и да ја подобриме ефикасноста во нападот“, изјави Кевин Гуликсен.

🇪🇸 ШПАНИЈА – 🇫🇷 ФРАНЦИЈА
🕕 Понеделник, 26 јануари | 18:00 часот | МТВ1

Иако Шпанија веќе е без шанси за полуфинале, „фуријата“ може да има клучна улога во расплетот. Франција, пак, нема право на кикс ако сака да остане во трката.

Шпанците загубија од Норвешка (34-35) и Данска (31-36), додека Французите по поразот од Данска (29-32) одиграа моќно против Португалија (46-38). Франција има најефикасен напад во групата, со 113 гола во главната рунда и вкупно 201 на турнирот.

„Шпанија е многу незгодна за играње. Постојано ги менуваат системите, поставуваат замки и секогаш има некој што излегува со неочекувано решение“, изјави селекторот на Франција, Гијом Жил.

🇩🇪 ГЕРМАНИЈА – 🇩🇰 ДАНСКА
🕣 Понеделник, 26 јануари | 20:30 часот | МТВ1

Дербито на вечерта и можеби на целата главна рунда. Германија со победа може практично да го обезбеди полуфиналето, додека Данска сака да ја продолжи серијата против најголемиот ривал.

Германците имаат шест бода по победите над Португалија и Норвешка, додека Данска е на четири, по триумфите над Франција и Шпанија. Германија го има најдобриот голман, Андреас Волф со 57 одбрани, додека Данска ги има гол-машините, Матијас Гидсел со 39 гола и Симон Питлик со 37 гола.

„Ова е една од најдобрите репрезентации во историјата на ракометот. За да ја победиш Данска, се мора да се поклопи“, вели Андреас Волф.

„Имаме огромен респект за Германија. Тие многу добро знаат како играме и што можеме“, изјави Матијас Гидсел.