Ракометарите на Охрид по успешно одработената европска задача се врати на домашните обврски и без особени проблеми запиша триумф на гостувањето кај Прилеп со 34-18.
Поведоа гостите со 4-1, па 5-2 и јасно ставија до знаење од стартот кој е кој на овој натпревар. Со новите засилувања Томислав Јагуриновски и Младен Крсманчиќ, охриѓани уште по првиот дел го решија прашањето околу победникот кога беше 19-10.
Во вториот дел избраниците на Борис Ројевиќ прикажаа уште подобра игра, водеа со 15 голови разлика и само рутински ја одработија задачата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Савревски со седум, Кукуловски со шест и Ѓукиќ со пет погодоци, додека во составот на Прилеп, четири пати стрелаше Шабановиќ.
Во следното коло Охрид ќе го пречека Куманово, додека Прилеп ќе му гостува на Тиквеш во Кавадарци.