Младиот македонски голман Андреј Петковски ја започна својата нова авантура во Полска на најдобар можен начин.
Тој оваа сезона потпиша за еден од водечките клубови во полската Супер лига, Азоти Пулави, и уште на првиот меч покажа дека ќе биде огромно засилување.
Во премиерното коло, Азоти Пулави славеше против Стал Миелец по изведување на пенали со резултат 29:28 (25:25 во регуларниот дел).
Главниот херој на средбата беше токму Петковски, кој со неверојатни 14 одбрани и 47% успешност сосема заслужено ја понесе титулата МВП на натпреварот.
Со вакво деби, Петковски веднаш го освои вниманието на полската ракометна јавност, а неговите одбрани беа клучниот фактор за победата на својот тим.
Следниот предизвик за македонскиот голман и неговите соиграчи ќе биде во второто коло, кога Азоти Пулави ќе ја пречека екипата на Калиш пред својата публика.