Деби на ЕП и веднаш Тодоровски и Митревски ќе судат дерби

Европското првенство во ракомет е пред почеток, а веќе се познати официјалните лица за првото коло од групната фаза. Македонските судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ја добија најатрактивната задача меѓу судиските двојки, откако им беше доверен еден од дерби натпреварите на колото.

Интернационалните ЕХФ судии од Битола ќе делат правда во групата што се игра во Малме, а ќе го водат дуелот меѓу Шведска и Холандија, кој е закажан за 17 јануари од 20,30 часот во Малме Арената. Со оглед на тоа што во истата група настапува и светскиот вицешампион Хрватска, која во првото коло ќе се сретне со Грузија, овој натпревар има големо резултатско значење.

За Митревски и Тодоровски ова ќе биде деби настап на Европско првенство во сениорска конкуренција, по одличните оценки што ги добиваа оваа сезона за судењето на неколку дерби натпревари во Лигата на шампионите.