Германскиот Лудвигсбург веќе може да го планира четвртфиналниот двобој во Лигата на шампионите, откако славеше убедливо во првиот осминафинален меч против Крим.
Словенечкиот првак доживеа огромен пораз на гости во Германија, 31-21 и ќе има невозможна мисија пред реваншот во Љубљана наредниот викенд.
По првиот дел беше 14-10 за домаќинките, а клучен беше стартот на второто полувреме, кога Лудвигсбург направија серија од 7-0!
По 21-10 беше тешко да се игра и веќе немаше назад за Крим, кој губеше и со 15 гола разлика, но на крајот најмногу по заслуга на голманката Аренхарт, успеа да намали до минус десет.
Нерешлива загатка за Крим беше голманката на Лудвигсбург, која запиша 13 одбрани, додека најдобри стрелци беа Лохтер и Мала со по пет голови. Во словенечкиот состав, Станко даде пет гола, а Грос четири пати се запиша во листата на стрелците.
Победникот од овој двомеч ќе игра против унгарскиот Ференцварош во четвртфиналето на Лигата на шампионите.