Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски и во наредните две години ќе остане во Шпанија, но има нов клуб.
Тој потпиша договор на две сезони со тимот на Аликанте и ќе остане во овој тим најмалку до 2026 година.
30-годишниот Димитриевски кој игра во одлична форма во Асобал лигата не ја продолжи соработката со Ваљадолид.
Велешанецот кој никогаш не доби вистинска шанса во националниот тим, настапуваше во Шпанија за Пуерто Сагунто, Адемар Леон и Блендидо Синфин, па Аликанте ќе биде петтиот шпански клуб за него.
Во Ваљадолид досега постигна 146 погодоци на 52 натпревари одиграни во сите конкуренции, а два пати се најде во идеалниот тим на колото во Асобал лигата.
Димитриевски во Македонија играше за МРК Вардар, Куманово, Металург и Борец, а на интернационална сцена настапуваше за израелскиот Хапоел Ашдод, унгарскиот Чурго, катарскиот Катар Спорт и германскиот Емсдетен.