Дански шок за Еурофарм Пелистер – ГОГ триумфира среде Битола!

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби вторпат во Лигата на шампионите, откако во Битола беше поразен од данскиот ГОГ Гудме со 31-28. Иако битолчани имаа плус пет во првото полувреме дозволија ривалот да израмни до паузата на 14-14, а лошиот старт на вториот дел беше доволен данскиот состав да направи залиха од три до четири гола, која умешно ја чуваше до крајот, а македонскиот тим само еднаш успеа да намали на минус еден и мораше да се помири со пораз.

По шесте гола на двете страни, 3-3, во првите три минути, Кузмановски и Хосни му донесоа за првпат плус два на македонскиот првак, 5-3. Беше и 6-4, а Митревски запиша прва одбрана, атмосферата уште повеќе се вжештуваше во салата, кога пелистерци отидоа и на плус четири, 8-4.

Стратегот на ГОГ Гудме, Кристенсен мораше да бара тајм-аут, но и по одморот неговите избраници промашуваа, па Еурофарм Пелистер го дуплираше данскиот тим, 10-5. Но домашните згрешија во следните напади, ГОГ врати на минус три, па Гарабаја реагираше со совети од клупата.

Гостите полека ја топеа негатива и се доближија на минус еден, откако Кузмановски и Хенигман добија исклучувања. Хеидарирад го замени Митревски на голот, но тоа не донесе многу промени, бидејќи ГОГ беше во налет. До паузата гостите израмнија на 14-14, а не остана време за домашен напад.

Еурофарм Пелистер – ГОГ

Битолчани лошо го отворија второто полвуреме, немаа решенија за Бјере и Митун, нападот немаше течност и пет минути беше без гол. За тоа време ГОГ отиде на плус три, 17-14 и веќе беше јасно дека до крајот ќе има тешка и неизвесна битка. Гарабаја мораше да вика тајм-аут по водството на ГОГ од четири гола.

Манасков ја прекина серијата со гол од пенал, се надоврза Хеидарирад со одбрана, а потоа и Атанасијевиќ негативата беше преполовена, 20-18. Но наместо битолчани да се разбудат, ГОГ продолжи да диктира резултат и имаше напад за плус пет кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути.

Згреши Митун, па Радивојевиќ погоди на празен гол, а потоа нашиот тим преку Манасков се доближи на минус еден, 24-23. Беа пропуштени две прилики за егал, па ГОГ одново имаше плус три, и таквата залиха ја одржуваше до крајот.

Митревски и Хеидарирад имаа по три одбрани, додека на спротивната страна Бутаф запиша осум интервенции. Најдобар стрелец во македонскиот првак беше Манасков со девет гола, додека Кузмановски даде осум. Во тимот на ГОГ Гудме незапирлив беше Бјере со 13 погодоци, а девет постигна Лике.

Сега следува пауза од две недели во Лигата на шампионите, а следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк на 8 октомври.