Данска во Кил, Германија во Минхен – еве каде може да игра Македонија ако се пласира на СП!

Машката репрезентација на Македонија ќе игра против Словачка или Украина за место на Мундијалот во Германија наредната година, а домаќинот веќе распореди двајца домаќини на групите.

Германија ќе игра во групата A во Минхен, а во овој град ќе се играат и дуелите од групата Ц, додека Штутгарт ќе биде домаќин на групите Б и Д. Домаќинот ја смести Данска во групата Г во Кил, а овде ќе се играат и натпреварите од групата Е. Магдебург ќе биде домаќин на селекциите од групите Ф и Х.

Дополнително ќе бидат познати шест носители-домаќини на шесте преостанати групи, но мали се шансите ако Македонија се пласира однапред да биде сместена во некоја од групите. Германците сигурно ќе ги разместат Хрватска, Исланд, Унгарија, а многу веројатно и Шведска, Норвешка и Франција во групите.

Потоа групите од главната рунда ќе се играат во Келн и Хановер, Президент Купот во Магдебург, додека четвртфиналето и завршниот викенд во Келн.

Досега место на СП 2027 обезбедија Германија, Данска, Исланд, Хрватска, Шведска, Португалија, од Африка се пласираа Египет, Алжир, Тунис, Ангола и Зеленортските Острови, од Средна и Јужна Америка – Бразил, Аргентина, Уругвај и Чиле, додека од Азискиот континент на СП се пласираа Катар, Бахреин, Јапонија и Кувајт.

Останатите 13 места на Мундијалот ќе бидат пополнети од Европа (10), Северна Америка и Кариби (1) и вајлд-карти (2). Светското првенство во Германија ќе се игра од 14 до 31 јануари 2027 година.