Данска ја разнесе „фуријата“ и зачекори кон полуфинале

Домаќинот на ЕП, Данска, по триумфот над Франција, одигра моќно второ полувреме и убедливо ја совлада и Шпанија со 36-31 (17-15) во вториот натпревар од второто коло во главната фаза во Хернинг. Данците со овие бодови се израмнија со Германија и Франција со по четири, а Шпанија остана на нула и до крајот само ќе се бори за пласман.

Данска диктираше темпо во првиот дел, но не можеше да се одлепи на повисока предност. Гарсијандија и Одриозола ја одржуваа „фуријата“ во живот, но во еден момент данска предност отиде на плус четири, 14-10. Сепак до паузата момците на Рибера намалија на минус два, 16-14.

На стартот на вториот дел беше последниот обид на Шпанија да му се спротистави на расположениот домаќин. Израмни на 17-17, но тука застана. Нилсен блескаше на голот, молњевитите контри на Данска се активираа и со серија од пет гола практично беше решен победникот, 22-17.

До крајот се играше само рутински и тоа им даде шанса на тренерите да ротираат со сите играчи што ги имаа на располагање. Блескаше Емил Нилсен со 14 одбрани на данскиот гол, а најефикасни беа Емил Јакобсен со осум, како и Симон Питлик и Киркелоке со по шест гола, додека кај Шпанија се истакна Фис со девет погодоци.