Данска ја прегази Норвешка и се загреа за полуфинале, пирова победа на Шведска

Двата од трите домаќини на Европското првенство – Данска и Шведска, победнички ја завршија главната рунда на континенталниот собир, иако едните се пласираа во полуфиналето, а другите останаа со „куси ракави“ и ќе се борат за петтото место.

Данска иако немаше резултатски императив и можеше да бира полуфинален противник, ја совлада Норвешка со убедливи 38-24. Соседот пружи солиден отпор по првото полувреме, кога момците на Јакобсен водеа со три гола, 19-16, но се распадна комплетно во вториот дел.

Јакобсен и Гидсел дадоа по седум гола за Данска, а Нилсен и Милер собраа 14 одбрани. Кај Норвешка, по шест пати погодија Грондал и Педерсен. Данците сега се први во групата 1, со осум бода, исто колку што има и Германија на второто место на табелата, но домаќините се први поради подобриот меѓусебен дуел.

Шведска имаше негатива во првиот дел од четири гола, 12-8 во 23 минута, но до крајот на полувреме не прими ниту еден гол, а постигна шест, па на паузата замина со водство.

Во вториот дел „трите круни“ комплетно доминираа на теренот и ја наполнија мрежата на Швајцарија до врв за конечни 34-21. Сепак тоа не беше доволно бидејќи Шведска има седум бода, исто колку Исланд кој е втор, но има послаб меѓусебен дуел од „рибарите“ и ќе мора да се задоволи со трето место во групата.

Кај Шведска, Јохансон беше најдобар стрелец со седум погодоци, додека кај Швајцарија се истакна Рубин со шест гола.