Данска има пет екипи во ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) вчера ги објави добитниците на 7-те вајлд-карти во Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција, по што се познати сите учесници за новата сезона во двете категории.

Најмногу учесници во Лигата на шампионите ќе има Данска, вкупно пет, три женски и две машки екипи, а со по четири претставници ќе бидат застапени Франција, Унгарија и Романија.

Претставници од Данска во ЛШ ќе бидат Есбјерг, Никобинг и Оденсе кај жените, додека во машка конкуренција ќе се натпреваруваат европскиот вицепрвак Алборг и екипата на Фредериција, која доби вајлд-карта.

Како што е познато, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер беше еден од добитниците на вајлд-карта и во следната сезона битолчани повторно ќе можат во живо да ги видат дел од квалитетите на најдобрите европски екипи.