Данска екипа доаѓа на подготовки во Македонија – „виновник“ е Љубица Ѓеоргиевска Хансен

Младинската екипа на данскиот ХОЈ ќе дојде на мини подготовки во Македонија. Младите дански ракометарки ќе бидат во нашата држава од 14 до 19 април, а „виновник“ за оваа несекојдневна ситуација (сканди екипи на подготовки на Балканот) е некогашната репрезентативка Љубица Ѓеоргиевска Хансен, која работи како тренер во овој клуб.

Ѓеоргиевска Хансен беше дел од најголемите успеси на женскиот репрезентативен ракомет на Македонија на СП 1997 и ЕП 1998, која одамна живее и работи во Данска. За македонската репрезентација има одиграно повеќе од 120 натпревари и стана првата македонска ракометарка што заигра во тогаш престижната данска лига, направи успешна интернационална кариера, а потоа на македонското го додаде и славното данско презиме – Хансен.

Играше на позицијата лево крило, израсна во школата на Ѓорче Петров, беше дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров кога се пробиваше на европската сцена, Една сезона играше во ТАТ Пелистер, а оттаму во 1997 година замина во Данска. Интернационалната кариера ја почна во Хорсенс, две сезони играше во Есбјерг, а ракометната кариера ја заврши во тимот на Роскилде во сезоната 2003/2004. Но, и по завршувањето на ракометната кариера, овој град остана нејзин дом полни две децении.

Таа во разговор за 24Ракомет го потврди доаѓањето во Македонија, а овој чекор би требало да иницира уште поголема соработка меѓу данските и македонските клубови.

„Сакам да споделам една голема радост – конечно, после многу години, ми се исполнува еден долгогодишен сон – да дојдам во Македонија со една данска екипа и да ѝ ја покажам мојата татковина, љубовта што ја негуваме кон спортот, особено кон ракометот. Доаѓаме со мојот сегашен клуб ХОЈ од Данска, каде што сум тренер на женската младинска екипа (од 17 до 19 години). Во истата екипа игра и мојата ќерка која има 17 години. Покрај тоа, таа одвреме-навреме игра и за сениорската женска екипа, која годинава – поточно минатата недела, го обезбеди своето место во елитната Суперлига во Данска. Тоа е огромен успех, затоа што станува збор за една од најсилните лиги во светот“, вели Хансен.

Флора Хансен – ќерката на Љубица

Голема помош во организацијата на овие подготовки, во кои ХОЈ ќе одигра неколку пријателски натпревари, Ѓеоргиевска Хасен имаше помош од поранешните репрезентативни колешки – Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева.

„Ова патување во Македонија не е само спортска тура – ова е исполнување на желба што ја носам со години. Сакав да донесам дел од Данска овде, да ги спојам нашите генетски предиспозиции за ракомет со данската дисциплина, систем и пристап кон тренинг. Верувам дека може да се најде еден заеднички јазик кој ќе донесе нови можности за развој на модерен и квалитетен ракомет. Овој пат се радуваме сите – девојките, клубот, јас – но најмногу јас. Бидејќи сонот ми станува реалност, и тоа со поддршка и соработка од мои поранешни колешки, а денес вистински легенди – Гордана Нацева и Индира Кастратовиќ. Без нивната помош, ова немаше да биде возможно“, продолжи Хансен.

ХОЈ треба да тестира со Вардар, Металург Автокоманда и Ѓорче Петров, а поранешната македонска репрезентативка вели дека покрај спортскиот дел, на своите ракометарки ќе им ги покаже сите убавини на Македонија.

„Ќе одиграме неколку пријателски натпревари против екипите на Вардар, Металург и Ѓорче Петров. Се радувам на секој момент, особено бидејќи тренерите на тие екипи се мои поранешни колеги – луѓе кои навистина ги почитувам и на кои им се восхитувам за сѐ што прават и денес за македонскиот ракомет. Покрај натпреварите, ќе имаме и неколку излети – сакам да им ја покажам на девојките мојата Македонија. Таа е мала земја, но толку богата – со култура, природа, историја, топли луѓе и многу срце. Сигурна сум дека ќе се вратат дома со полни срца и убави впечатоци. Веројатно и самите чувствувате дека меѓу редови се чита колку ми недостига Македонија. И покрај тоа што голем дел од животот го поминав во Данска, каде што ги градам и кариерата и семејството, Македонија засекогаш ќе ми биде дом. Луѓето кои имаат повеќе места каде што се чувствуваат „како дома“, се навистина богати – и душевно, и емотивно“, продолжи Хансен.

ХОЈ има и машка и женска екипа. Дамите веќе обезбедија промоција во елитниот ранг, додека момците наскоро треба да го потврдат своето место. Во машката сениорска екипа играат Ханс Линдберг, Емил Инсгард…на лето доаѓа Хампус Ване, а најавени се големи засилувања и за женската екипа.

„ХОЈ е клуб со долга традиција, но последниве десет години направи огромен напредок. Има стабилен раст – и во бројот на членови, и во професионалниот успех. Женската екипа веќе обезбеди влез во Суперлигата, а на 12 април ќе се дознае дали и машката екипа ќе успее да влезе. Тоа ќе биде историски момент за клубот, бидејќи никој досега нема успеано со двете екипи – и машка и женска – да влезе во Суперлигата во иста сезона. Во клубот играат реномирани имиња како Ханс Линдберг, а од Барселона ни доаѓа Хампус Ване. И женската екипа ќе добие сериозни засилувања од следната сезона, играчи со светска репутација. Навистина ми е ќеф што ќе ја информирате македонската ракометна јавност дека доаѓаме! Ќе се видиме наскоро – со многу љубов, спортски дух и отворено срце за соработка. И секако, следниот пат – ние ќе бидеме домаќини во Данска…“, заврши Ѓеоргиевска Хансен.