Данска владее со Европа!

Откако на минатото ЕП не успеаја против Франција, Данците не ја пропуштија шансата на домашен терен во „Јуске Банк Боксен“ и ја совладаа Германија со 34-27 за трето европско злато во историјата.

По титулите во 2008 и во 2012, по 14 години Данска се враќа на европскиот врв, а станаа втора селекција во историјата по Франција, што ги обединува европската, светската и олимписката титула.

Во првиот дел се играше гол за гол до 7-7, пред во 14 минута Германија да остане без главниот дефанзивец Кеслер. Тој доби црвен картон по остриот старт над Гидсел, во составот не беше ниту Фишер, па Гисласон мораше да бара нови решенија во дефанзивата.

Тоа беше доволно Данска да поведе со 10-7, но упорните Германци по одбраните на Волф успеа да се врати во егал, 12-12. Мелер го замени Нилсен на данскиот гол, фати три удари и избраниците на Јакобсен на паузата успеаја да имаат залиха од два гола, 18-16.

На стартот на второто полувреме бундес тимот со два гола на Гола израмни на 19-19. Но потоа германскиот напад немаше многу идеја, Мелер влезе во елемент, и да не беше Волф, Данците ќе имаа најмалку седум-осум гола предност, но до највисоката од четири стигнаа на петнаесетина минути до крајот, 26-22.

По тајм-аутот на Гисласон, Гргиќ со два гола во серија за 26-24, но веднаш реагираше и Јакобсен со минута одмор, па во продолжение се играше со погодоци на двете страни. Кога Мелер му одбрани шут на Лихтлајн, а Киркелоке казни на другата страна за 31-27 стана јасно кој ќе биде победник на овој меч.

На четири минути до крајот Колбахер доби црвен картон по остар старт и Германците немаа шанси за нешто повеќе. Кај Данска, Питлик даде осум гола, по седум пати стрелаа Гидсел и Хансен, додека по пет гола за Германија постигнаа Кнор, Гргиќ и Гола.