Данците во еуфорија по триумфот над Франција: Ова беше е*ено добро!

Данска одигра одличен натпревар и по врвни 60 минути ја совлада Франција со 32-29. По поразот од Португалија, Данците едноставно немаа право на нова грешка, додека Франција бркаше победа со која практично ќе си го обезбедеше пласманот во полуфиналето и истовремено ќе се ослободеше од најопасниот ривал во битката за златото.

Атмосферата во легендарната сала „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг беше на врвно ниво, а данските навивачи ја одиграа својата улога, носејќи ја репрезентацијата кон голема победа. Тоа јасно се почувствува и на теренот, каде што данските ракометари свесно бараа реакција од трибините.

Еден од лидерите на тимот, Симон Питлик, откри дека сè било дел од однапред договорен план.

„По натпреварот со Португалија се договоривме дека мораме да покажеме поинакво лице. Многумина од нас се обидуваа да преземат иницијатива, а публиката реагираше фантастично на тие сигнали. На крајот речиси не можев да ги слушнам сопствените мисли од вревата. Токму тоа сакавме да го постигнеме“, изјави Питлик.

Олеснувањето по големата победа не го криеше ниту Матијас Гидсел, кој во второто полувреме беше еден од клучните играчи.

„Навистина ни олесна. Сега, со малку поопуштено, можеме да продолжиме кон следниот натпревар, кој е исто толку важен“, порача Гидсел.

Голема улога во финишот одигра и Емил Јакобсен, кој во клучните моменти постигна пет последователни голови за Данска.

„Беше целосен хаос. Но атмосферата во Хернинг е нешто неверојатно, како со секој натпревар да станува сè подобро да се игра овде. Пресреќен сум што на крајот ги освоивме тие два бода“, изјави Јакобсен, па со насмевка додаде: „Извинете за изразот, но ова е неверојатно е*ено добро.“