Данците го провоцираа Лазаров, тој им одговори: Нема потреба од циркус!

Македонија на второ големо натпреварување е без Филип Талески и Дејан Манасков, откако стана јасно дека Лазаров не смета на двајцата.

Данската ТВ2 на последниот тренинг пред премиерата на ЕП за Македонија и домашната селекција, побара одговор од Лазаров зошто ги нема нив на списокот и дали тој е погоден од нивните изјави.

Лазаров џентлменски одговори на провокативното прашање, без да остави простор за дополнително создавање непотребни драми, иако познатата данска ТВ2 инсистираше на одговор дали е погоден од изјавите на двајцата поранешни репрезентативци.

„Секоја репрезентација може да има најмногу 20 ракометари во ростерот и тоа е така на секое вакво натпреварување. Талески не беше во добра форма откако го промени клубот, додека Манасков беше повикан во репрезентацијата во ноември, но тој одби да дојде и сите го знаат тоа. Немам што да додадам, нема потреба од правење циркус“, изјави Лазаров за ТВ2.

Македонија и Данска вечерва од 20:30 часот играат во „Јуске Банк Боксен“.