Дамјановска верна на Атлетик – потпиша нов договор на три сезони!

Тимот на Атлетик продолжува со формирањето на играчкиот ростер за наредните предизвици што го очекуваат клубот во елитната конкуренција.

Десниот бек Анастасија Дамјановска, поранешна младинска репрезентативка на Македонија, стави потпис на нов договор со Атлетик и ќе остане во клубот најмалку до 2029 година.

Битолчанката ја започна својата кариера во школата Винда, а потоа го носеше дресот на Пелистер, пред летоска да се пресели во Скопје и да ја започне приказната со Атлетик.

Атлетик има огромна бодовна залиха на врвот на табелата во Првата лига и само чудо може да го спречи да избори елита.

Претходно голманката Матеа Чурлиновска стави потпис до 2029 година, а нови тригодишни договори потпишаа и левите бекови Сара Богојеска и Анастасија Величковска, пивотот Дафина Соколовска, левото крило Моника Босилковска, како и средниот бек Исидора Котевска.