Женската репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир во рамките на ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две средби со еден од домаќините на ЕП, Австрија.
Селекторот Кристијан Грчевски за овој собир планираше 21 ракометарки, но средниот бек Ивана Арсениевска и десниот бек Јована Кипријановска имаат проблеми со повреди, па ќе бидат неизвесни за двомечот со Австрија.
Десното крило Сара Ристовска, по мечот од Лигата на шампионите доцна синоќа, вечерва ќе се приклучи на националниот тим, додека последна ќе пристигне Леонида Гичевска.
Ракометарката на Лада Тољати, поради лошите авио конекции во овој момент со Русија, во Скопје ќе пристигне дури утревечер, па од среда наутро репрезентацијата комплетна ќе работи пред заминувањето за Австрија.
Првата средба ќе се игра в сабота од 17:00 часот, додека вториот дуел меѓу Македонија и Австрија е на програмата в недела на 29 септември од 15:45 часот.