„ЕХФ е како ‘фаст-фуд’ – не се грижи за квалитетот, туку само продава“

Селекторот на хрватската репрезентација, Дагур Сигурдсон, жестоко ја нападна Европската ракометна федерација поради, како што истакна, катастрофалната организација и нечовечкиот третман кон неговиот тим во пресрет на полуфиналето.

Во воведното обраќање на официјалната прес-конференција, Сигурдсон без влакна на јазикот го искажа својот револт.

„Немав ни време да размислувам за натпреварот. Пристигнавме во 14:30, а морав веднаш да дојдам овде. Ние не сме сместени тука. Имав 35 минути возење за овој циркус и уште 35 минути назад. Не трениравме со екипата. Ова е потврда дека ЕХФ не се грижи за играчите и екипите“, вели Сигурдсон.

Исланѓанецот вели дека ЕХФ е како „фаст фуд“.

„Тие се како брза храна – не се грижат за квалитетот, туку само за продажбата. Ќе направат добар шоу, добра прес-конференција. Нема врска што имавме патување од четири часа од Малме. Бевме во група во Малме и имавме два дена помалку за да одиграме седум натпревари. Секој што знае нешто за спорт знае дека тоа е премногу“.

Сигурдсон потенцираше дека хрватските ракометари биле ставени во апсурдна ситуација.

„Моравме да играме два меча во рок од 22 часа. Следното утро нè натоварија во автобус како ‘замрзнати кокошки’ и нè донесоа овде, далеку од сè. А потоа јас морам да дојдам на оваа прес-конференција. Ние сме во полуфинале. Ова е срамота. Ви благодарам, кажете ми кога можам да си одам“.

Хрватскиот селекторо објасни дека репрезентацијата нема никакви алатки да се справи со ваквата ситуација.

„Немаме начин да го решиме ова. Планирањето е неверојатно лошо. Играме два дена по ред, имаме ден помалку за одмор и плус патување. Другите селекции се во хотел и имаат далеку подобра подготовка за полуфиналето. Ова не го прифаќам.“

Тој истакна дека досега молчеа, но дека оваа ситуација ја преминала границата.

„Знам дека е тешко да се организира сè, но кога станува нефер кон некого, морам да реагирам. Досега не се жалевме, но кога ќе се разбудиш и мораш да поминеш толкав пат, тоа не е во ред. А потоа уште и прес-конференција…тоа не е можно. Се надевам дека утрешниот натпревар ќе биде добар.“

Хрватска утре од 17:45 часот ќе се соочи со Германија во првото полуфинале на ЕП, додека од 20:30 часот ќе играат Данска и Исланд.