Црна Гора со победа се загреа за ЕП, Норвешка одигра само реми со Данска

Репрезентацијата на Црна Гора славеше против Словенија со 29:28 во пријателски натпревар како дел од подготовките за настап на ЕП 2024.

Словенија, која е предводена од екс селекторот на Црна Гора, Драган Аџиќ, на полувреме имаше предност од 15:11, а во 43 минута плус седум, 23:16.

Избраничките на Сузана Лазовиќ во последниот период успеаја да направат целосен пресврт, постигнаа дури 13 гола, додека составот на Аџиќ само пет гола.

Најефикасна кај Црна Гора беше Милена Раичевиќ со седум гола, а ја следеше Ивона Павичевиќ со гол помалку – шест.

Двете репрезентации во текот на утрешниот ден ќе одработат заеднички тренинг.

Во рамки од првото коло од Златната лига, Холандија убедливо славеше над Романија со 41:26 (22:14), додека Норвешка, која на ЕП ќе ја брани титулата, одигра реми со Данска, 27:27 (12:15).