Цирар: Најдобрите екипи од Македонија вложуваат многу пари

Словенечкиот интернационалец Гал Цирар остави одличен впечаток во настапите за Охрид, а по три сезони замина во австрискиот Холабрун.

Во Холабрун, десното крило соработува со соиграчот од Охрид, Рудолф Сафранко, а во овој клуб има и македонска колонија – тренерот Влатко Митков, пивотот Филип Арсеновски и десниот бек Хари Павлов.

На последниот натпревар против Грац, Холабрун ја оствари првата сезонска победа, а Цирар даде 16 гола. Стана интересен за медиумите, а меѓудругото по мечот говореше и за разликата меѓу австрискиот и македонскиот шампионат.

„Лигите се многу различни. Во Македонија, четирите најдобри екипи играат на многу високо ниво, инвестираат многу пари и се издвојуваат од останатите. Во Австрија, пак, сите екипи се поизрамнети, што го прави првенството понеизвесно“, изјави Цирар.

Тој долго време настапуваше во татковината за Тримо Требње и Јерусалем Ормож, а настапите во Австрија ќе бидат втори надвор од Словенија по оние во Охрид.