Македонската репрезентативка Матеа Чурлиновска се врати дома во Прилеп и во претстојната сезона ќе го чува голот на Деспина.
Таа пред три сезони имаше одлични партии во прилепскиот клуб и го привлече вниманието на повеќе клубови.
Бранеше една сезона во тимот на Куманово, со кој стигна до трофејот во Купот на Македонија, а лани се пресели во редовите на шампионот Ѓорче Петров, каде исто така бранеше одлично.
Со младинската репрезентација на Македонија настапи и на СП во Скопје каде беше меѓу најдобрите голманки.
Со Ѓорче Петров освои двојна круна и како шампион се враќа во матичниот клуб, кој има високи амбиции во новата сезона. Покрај Чурлиновска, Деспина се засили и со левото крило Адела Еленин, која минатата сезона играше за Куманово.
На кормилото на Деспина ќе биде Адријано Котевски, кој исто така се враќа во родниот град по ангажманот во Пелистер.