Чупиќ влегува во тренерски води, Загреб носи три бека!

Загреб беше елиминиран во осминафиналето од Лигата на шампионите од францускиот Монпелје, но и покрај тоа може да ја прогласи сезоната за успешна.

Следната сезона хрватскиот првак би требало да биде уште посилен, откако беа продолжени договорите со дел од носителите на играта.

Матеј Мандиќ и Лука Ловре Кларица продолжија до 2026 година, додека Милош Кос и Звонимир Срна имаат договори уште две сезони. Тимур Дибиров ќе остане уште една, а исто така и пивотменот Адис Фајлиќ, додека вардаровата легенда Иван Чупиќ се уште размислува.

Според пишувањата на „24Сата“, Чупиќ има опција да продолжи да игра уште една сезона, но и да биде асистент на клупата на Андрија Николиќ. На излезна врата се голманот Алјаж Пантјар и десниот бек Куни Моралес, а најавени се три засилувања на бековските позиции.

Станува збор за средните бекови Ивано Павловиќ од Извиѓач и Игор Белјавски од СКА Минск, како и за десниот бек од Бешикташ, Михајло Радојковиќ.

Хрватскиот првак нема загарантирано место во Лигата на шампионите за следната сезона, но веројатно ќе добие вајлд-карта.