Ракометарите на Вардар од денеска ги стартуваа подготовките за пролетниот дел од сезоната во Супер лигата и Лига на Европа.
Хрватскиот стратег Иван Чупиќ во овој дел нема да смета на петмина ракометари кои имаат репрезентативни обврски – Валах, Марчињак, Јанковски, Митровиќ и Боно.
„Добро се одморивме. Поради професионализмот на играчите имавме повеќе време да се одмориме, да се спремиме ментално и физички пред вториот дел од сезоната. Сите знаеме дека првиот дел беше добар, ама сега е многу важно што сме подобри, здрави. Ни следат многу големи натпревари, борба за титула, како во Европа, така и воКупот. Многу работа е пред нас. За жал, како и сите така и ние имаме отсутни поради репрезентативни обврски. Верувам дека добро ќе одработиме додека не почне македонската лига“, вели Чупиќ.
Повредениот Тузолана, како и новодојдениот Да Силва работат посебно, а Стојановски и Еспиња веднаш ќе се вклучат во тренажниот процес.
„Ни недостигаат Полјаците, треба да видиме дали некој од нив ќе се врати во тимот. Тузолана и Педро ќе работат посебно и од следната седмица ги планираме со екипата. Стојановски и Еспиња од денеска ќе почнат да тренираат со останатите, а Лазаревски веќе од декември е со нас. Следните десетина дена сигурно ќе бидеме без Боно и Митровиќ. Се надевам дека до турнирот во Хрватска на крајот на јануари ќе бидеме комплетни сите“, продолжи Чупиќ.
Хрватот го потврди заминувањето на црногорскиот лев бек Вуко Борозан.
„Во првиот дел од сезоната тргнавме со Борозан, Талески и Хориха. Двајца заминаа, па имавме договор и го доведовме Жоао Педро Да Силва кој ни се допаѓаше и може да игра на повеќе позиции во напад, но и во одбрана. Очекувам тој да биде добар додаток, слично како и Лазаревски кој се враќа по повредата. Можеме да работиме на повеќе различни тактички варијанти со нив двајца, а тоа е голем плус“, продолжи Чупиќ.
Вардар го чекаат силни контролни натпревари на турнирот во Лабин, каде ќе играат Загреб, Сесвете и Слован Љубљана.
„Летоска игравме на турнирот во Охрид и видовме дека тие натпревари со силни ривали ни даваат подобра слика и повеќе информации за ситуацијата во тимот. Поради тоа одбравме силен турнир со ривали од Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Таму треба добро да се подготвиме за она што ни следува. Сакаме да одработиме добар турнир во Лабин, бидејќи набрзина ни доаѓаат предизвиците и ќе има уште дваесетина дена до Бенфика и Мелсунген, па затоа избравме силен турнир во Лабин со хрватските екипи и Слован“, заврши Чупиќ.

























