Тимот на Вардар загуби во Супер Куп дуелот со Еурофарм Пелистер со 28-27, иако имаше добар камбек во натпреварот по големата негатива во финишот.
Стратегот на „црвено-црните“ Иван Чупиќ, го анализираше натпреварот и им честита на своите избраници за големата борбеност.
„Ова беше вистинска борба за трофеј, сакам да му честитам на Пелистер за Супер Купот. Ние покажавме дека пријателските натпревари се едно, а официјалните друго. Бевме во игра цело време, во првото полувреме некаде до 25 минута имавме предност и бевме во ритам, имавме добар голман. Со две-три технички грешки и наши глупости го вративме Еурофарм Пелистер во живот. На отворањето на второто полувреме одигравме лошо, но не се предадовме до крајот и за тоа сакам да им се заблагодарам и да им честитам на моите играчи кои се бореа до последна секунда и се вратија во игра. Имавме половина минута пред крајот и нерешено, па малку среќата го посака ривалот во финишот. Малку ни недостигаше, можеби две-три одбиени топки, голот на крајот или несреќниот брз центар. Можеби среќата ќе ни се врати следниот пат“, изјави Чупиќ.
„Црвено-црните“ не можеа да сметаат на сите расположиви сили за овој натпревар.
„Тешко е да се зборува за квалитетите на овој тим, ние сме заедно пет-шест недели, со тоа што две седмици игравме само натпревари и не трениравме. Ги имаме Лазаревски, Борозан, Боно кои се повредени, а сега конечно ќе имаме малку повеќе време за тренинг. Морам да кажам дека ова е патот по кој сакам да оди мојот Вардар, да се бориме на секој натпревар за дресот. Сепак, нормално дека кога ќе ни се вратат сите играчи и ќе се воиграме мислам дека можеме многу подобро. Мислам дека ова ниво кое го покажавме денес треба да биде патот по кој треба да се водиме цела сезона“, заврши Чупиќ.
Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето во Струга во првото коло од Супер лигата.