По трите порази во претсезоната од шампионот Еурофарм Пелистер, ракометарите на Вардар се израдуваа на прва победа против битолчани, 31-28.
Тренерот Иван Чупиќ вели дека се уште не е ова вистинскиот Вардар, но е задоволен како полека се гради формата.
„Имаме многу нови играчи, долг е процесот. Знаеме што носат пријателските натпревари, а што официјалните, а имаме и многу повредени ракометари. Мислам дека полека влегуваме во посакуваниот ритам, ова се уште не е вистинскиот Вардар кој очекуваме да напредува и да стигне до врвна форма. Стануваме полека тим, се гледа заедништво, сите играчи на теренот и заедно со публиката го покажаа големото срце на Вардар“, вели Чупиќ.
Борозан доби црвен картон во првиот дел, тоа ја измеша тактиката на вардаровиот стратег, кој вели дека на крајот оваа победа не е негова, туку само на играчите.
„Нормално дека смени, сакав со Вуко да играм на лев бек, мислам дека тој е фактор X и во одбрана и во напад. Работевме и трениравме цела недела со него, но и Малус и Талески го надоместија неговото отуство. Не сакам да издвојувам поединци, задоволен сум од сите, мислам дека одигравме во овој момент на максимум, иако имаше и подеми и падови како на секое дерби. Вардар секогаш има големи очекувања, но ние гледаме само на секој следен натпревар, ќе одиме чекор по чекор, ова е долг маратон, мора да бидеме подготвени на се – и на црвени картони, на повреди, на ротации и на се…уште еднаш да им се заблагодарам на сите мои играчи. Ова е нивна победа, а не тренерот, не на тактика. Тие ги заслужија сите аплаузи по крајот на мечот“, заврши Чупиќ.
Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Радовиш, додека пред стартот на Лигата на Европа ќе имаат домашен меч со Прилеп.