Четврта победа за Партизан – падна и Преспа во Гевгелија!

Ракометарите на Партизан Гевгелија продолжуваат со добрите настапи во Првата лига, откако на домашен терен славеа над тимот на Преспа со 33-29.

Гостите од Ресен одиграа борбен и тврд натпревар, но подолгата клупа и поголемото искуство на гевгелискиот состав беа клучни фактори за конечниот исход.

На паузата домашните водеа со 16-14, во вториот дел во повеќе наврати Преспа намалуваше на минус два, но немаше сили за комплетен камбек во мечот.

Во победничкиот табор стандардно најдобар беше Горан Лисичков со девет погодоци, Милан Савов постигна осум, а Илија Пејковски даде седум.

Кај Преспа најрасположен беше Христијан Ристевски, кој имаше одличен ефект од 14 погодоци, но неговата партија не беше доволна за изненадување.