Четири селекции се пласираа во бараж за СП 2025, Македонија на 14 декември го дознава ривалот

Селекциите на Литванија, Косово, Израел и Италија се пласираа во вториот бараж за Светското првенство што во 2025 година ќе се одржи во Германија и Холандија. 12 селекции што не играат на ЕП 2024, беа поделени во четири групи по три, од кои само првопласираната се пласираше во вториот бараж за СП.

Најинтересно беше во групата во Литванија, каде домаќинот решаваше „еден на еден“ во двобој со Грција околу победникот на групата. Домашните ракометарки со гол во последната секунда се изборија за триумф и прво место во групата, што носи пласман во вториот бараж.

Македонија како една од селекциите што играат на ЕП 2024 има директен пласман во вториот бараж, но од пласманот на континенталниот собир ќе зависи во кој шешир ќе бидеме за ждрепката.

Покрај Македонија, во вториот бараж се пласирани уште Норвешка, Данска, Шведска, Црна Гора, Шпанија, Унгарија, Словенија, Романија, Хрватска, Чешка, Полска, Србија, Австрија, Швајцарија, Украина, Исланд, Словачка, Португалија, Турција и Фарски Острови.

Дополнително од 21 селекција, трите најдобро пласирани од ЕП 2024 ќе обезбедат директен пласман на СП 2025, што значи ќе останат уште 18. Тие 18 заедно со четири победници на квалификациските турнири од првиот бараж, ќе формираат 11 двојки, чии победници ќе одат на СП 2025.

Ждрепката за паровите ќе се одржи на 14 декември на завршниот викенд од ЕП 2024 година, а бараж средбите ќе се играат во април 2025 година.

Квалификации за СП 2025, резултати:

група 1
Литванија – Велика Британија 37-23
Велика Британија – Грција 17-20
Грција – Литванија 24-25

група 2
Белгија – Косово 28-32
Косово – Босна и Херцеговина 32-26
Босна и Херцеговина – Белгија 27-28

група 3
Естонија – Финска 24-24
Израел – Естонија 29-22
Финска – Израел 18-26

група 4
Бугарија – Италија 21-29
Лумсембург – Бугарија 21-33
Италија – Луксембург 39-20