Ракометарите на Вардар ја продолжуваат победничката серија во Супер лигата, откако славеа против Тиквеш со 30-25 во Кавадарци и по четири одиграни кола остануваат перфектни во елитната конкуренција.
Дуелот започна неизвесно, во првите петнаесетина минути беше 5-5, но потоа „црвено-црните“ ја преземаа контролата и почнаа да го кршат отпорот на домаќинот. За кратко време поведоа со 9-5, а на паузата беше 14-8.
Во второто полувреме Вардар продолжи во ист стил, а Тиквеш дополнително се соочи со проблеми кога кружниот напаѓач Јан Тајник доби директен црвен картон поради груб прекршок.
Домашните немаа сила да му парираат на разиграниот противник, кој и без Борозан, Еспиња, Марчињак, Пинто, Кеита, Лазаревски…беше пресилен за кавадаречкиот состав и само рутински ја доврши задачата.
За Вардар со два гола дебитираше новото засилување Жуниор Тузолана, а прв стрелец во „црвено-црниот“ тим беше Дмитро Горига со осум гола, додека Николас Боно беше стрелец на пет погодоци. Кај Тиквеш се истакнаа Коцев, Ахмед и Чејовиќ со по четири гола
Во следното коло Тиквеш оди кај Охрид, додека Вардар и Еурофарм Пелистер ќе го играат најголемото дерби на македонскиот ракомет в среда.