Червар и Вујовиќ на иста клупа?

Скопје и СЦ „Јане Сандански“ утре ќе бидат домаќини на еден од најголемите спектакли во последно време, на кој публиката ќе има можност да види многу легенди на македонскиот, европскиот и светскиот ракомет.

Организаторот Спортско Радио 90,3 фм, како дел од јубилејот и прославата на 20 години постоење и овозможи на ракометната јавност уникатна можност на едно место да види голем број имиња.

Најинтересниот детал од утрешниот спектакал „Легендите на сцена“ е каде ќе бидат Лино Червар и Веселин Вујовиќ, и која екипа ќе ја водат.

Со својот темперамент и двајцата сакаат да раководат, и да бидат главни.

На прашањето кој ќе биде прв тренер, одговорот беше, не никако.. И двајцата ќе бидат на спротивни страни. Едноставно така ќе биде интересно, ќе се навратиме на „старите денови“ кога постоеше двобојот меѓу Вардар и Металург имаше и искри, и торба на терен и надвор од терен, и „крадење“ на играчи, па и трети полувремиња.

Ристо Магдинчев и Звонко Шундовски ќе бидат македонските тренери кои ќе бидат на клупите заедно со Червар и Вујовиќ.

Публиката во „Јане Сандански“ ќе има можност да ги види на дело најголемите македонски и регионални ракометни имиња: Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Пепи Манасков, Кирил Лазаров, Гоце Георгиевски, Бранко Ангеловски, Аце Станковски, Петар Ангелов-Диви, Раде Стојановиќ, Иван Марковски, Велко Маркоски, Влатко Недановски, Горан Ѓоргоноски, Лазе Мајнов, Александар Царчев, Горан Кузманоски…

Меѓу интернационалните легенди кои ќе настапат се Веселин Вујовиќ, Лино Червар, Арпад Штербик, Вуко Борозан, Ренато Вугринец, Игор Карачиќ, Жељко Муса, Горан Шпрем, Данил Шишкарев, Жоан Канељас и уште многу познати ракометни имиња.

Интересот за овој спортски спектакл е огромен, а билетите се продаваат онлајн преку www.ticketx.com.mk и на билетарницата пред салата.

Организаторот најавува повеќе категории на билети, меѓу кои и ексклузивна категорија со места веднаш до теренот, за оние што сакаат да го почувствуваат адреналинот од најблиску.

📅 Среда, 29 октомври
📍 СЦ „Јане Сандански“, Скопје
🕗 Почеток: 19:00 часот
https://ticketx.com.mk/events/legendite-na-scena-01

 

➡️ Ракометна магија, емоции и легенди – едно име, една љубов: Ракометот!