Чејовиќ беше предводник, Тиквеш со пресврт во драма го победи Куманово

Ракометарите на Тиквеш остварија важна победа на гостински терен, совладувајќи го Куманово со минимални 28-27 во рамките на 10. коло од Супер лигата.

Кавадарчани со овој триумф ја продолжија лошата серија на тимот на Куманово, кој сега е девет меча без освоен бод!

Во првото полувреме кумановци имаа целосна контрола на резултатот и заминаа на одмор со предност од 15-12.

Водеа домашните и со плус четири, 20-16, но тогаш избраниците на Кристијан Грчевски се „разбудија“ и со серија од пет гола направија комплетен пресврт.

Потоа кавадарчани имаа контрола иако се играше гол за гол, но последната минута со голот на Димовски, Тиквеш поведе со 28-26 и стави крај на дилемите.

Најдобар поединец кај победниците беше Балша Чејовиќ со осум голови, додека кај Куманово најпрецизен беше Александар Стојков кој даде исто така со осум погодоци.