Ракометарките на Чаир на гостувањето кај Вардар ја оправдаа улогата на фаворит триумфирајќи со 35:33 (17:15) во натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
Некогашниот шампион на Македонија го имаше почетното водство од 1:0, а сѐ останато мина во знакот на гостинките кои со новата победа ја презедоа 2. позиција на табелата.
Чаир уште од самиот старт влезе во ритам и бргу дојде до солидно водство од 7:3. Избраничките на Платон за момент се консолидираа, по негативата од 9:4 врзаа три гола во низа, намалија на минус два, 9:7, но Чаир излезе од кризата и до крајот на полувремето имаше контрола на резултатот.
Ниту во вториот дел „црвено-црните“ не успеаја да дојдат до израмнување, во еден момент се заканија намалувајќи на 24:23, а потоа гостинскиот состав со неколку расположени ракометарки се одлепи на три-четири гола и не му дозволи на ривалот да има било какви шанси за евентуален кам-бек.
Во дресот на Чаир повторно одличен настап имаше левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, ракометарка која на секој натпревар речиси е без грешка, денеска даде десет погодоци, а ја следеа Теодора Гулицоска со осум и Теодора Дукоска со седум реализации.
Листата на стрелци кај Вардар беше предводена од Леона Миленковска, која зад своето име запиша 11 погодоци.