Дерби дуелот од 7. коло од плеј-оф фазата од Женската лига меѓу екипите на Куманово и Чаир заврши со победа на гостинките од 27:26.
Куманово може да жали за пропуштената шанса за победа, или пак за реми, бидејќи во најголемиот дел од натпреварот ја контролираше играта.
Избраничките на Димитријески мотивирано влегоа во натпреварот, во воведните десет минути имаа предност од 5:2, а кон средината на првото полувреме дојдоа до плус четири, 10:6.
Избраничките на Љативи во еден момент се заканија, откако имаа негатива од 11:7 врзаа два гола во низа, намалија на минус два, 11:9, но домаќинките ја подобрија одбраната и не му дозволија на ривалот да дојде до приближување. По 30 минути игра, резултатот беше 15:12 во корист за домашниот табор.
На стартот на вториот дел Куманово се одлепи на 17:12, а вицепрвакот првиот гол во второто полувреме го постигна дури по пет минути игра. Иако Куманово имаше предност од 21:16 не значеше ништо, бидејќи гостинот со серија од 5:0 израмни на 21:21.
Беше 22:22 во 50 минута, потоа домаќинот некако успеа да ,,побегне” на 24:22 и кога требаше да стави точка, гостинките повторно направија кам-бек. Во последните минути секој напад беше важен, а голманката Којовиќ кога беше најпотребно му даваше ,,вештачко дишење” на својот тим.
На минута пред крајот резултатот гласеше 26:26, а Гулицоска од пенал донесе му донесе на Чаир 27:26. Домаќинот имаше чиста позиција да дојде до реми, но една од домашните ракометарки не успеа најдобро да ја прифати топката, па така можеше да започне големото славје на гостинската клупа.