Чаир формира одлично голманско трио – потпиша Ема Кирова!

Тимот на Чаир, кој оваа сезона го освои третото место во Женската лига и направи историски успех во ЕХФ Европскиот Куп, најавува големи амбиции и наредната сезона.

По левото крило Мила Трајковиќ, Чаир го промовира и второто засилување – голманката Ема Кирова, која доаѓа од составот на Пелистер.

Кирова е поранешна кадетска и младинска репрезентативка на Македонија, а беше во комбинација за настап и за сениорската репрезентација на дуелите од квалификациите за ЕП.

Таа потекнува од составот на Аеродром, настапуваше за Шампион, Спартак и Ѓорче Петров пред да се пресели во битолски Пелистер.

Кирова ќе формира одлично трио со интернационалките од Србија и Црна Гора – Катарина Митровиќ и Магдалена Којовиќ.