Екипата на Бутел Скопје на гостувањето во Струга кај истоимената екипа запиша важна победа, славеше со 30:24 во натпревар од 19. коло од суперлигашкото друштво и направи голем исчекор кон плеј-офот.
Бутел на табелата сега има 20 бода, додека неговите главни конкуренти Пролет и Прилеп кои имаат натпревар помалку сѐ на 14 бода. До крајот од регуларниот дел Бутел треба да игра со Борец ФЛ (дома), Еурофарм Пелистер (гости) и Пролет (дома).
И покрај тоа што Струга ќе игра во плеј-аут фазата, сепак, избраниците на Танески влегоа мотивирано и речиси до 20 минута водеа со еден до два разлика. Гостите од Бутел со подобрата игра во последните десет минути од првиот дел направија комплетен пресврт.
Откако Струга поведе со 9:8, ракометарите на Кузманоски најпрво израмнија на 9:9, потоа додадоа уште три гола во низа и на пет минути пред крајот на првиот дел имаа предност од 12:9. Во моментите кога Бутел го преземаше водството, разиграни беа браќата Узунчеви и кружниот напаѓач Михајловиќ.
Бутел на полувреме замина со предност од 13:11, а веќе во второто полувреме до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи. Гостите започнаа постепено да се одлепуваат и полека да ги откажуваат домаќините кои останаа без енергија.
Предводник во победничката екипа беше Димитар Узунчев со осум погодоци, по четири постигнаа Тодор Узунчев и Димитар Ѓеоргиевски. Кај Струга се истакнаа Јулијан Матески и Филип Пајкоски, двајцата имаа по четири погодоци.