Ракометарите на Бутел Скопје на домашен терен ја совладаа Струга со 32:26 и го запишаа петтиот сезонски триумф. Бутелци, моментално, се наоѓаат на 5. позиција на табелата со 10 бода и доколку победуваат на оние натпревари на кои што се фаворити, тогаш повторно ќе бидат дел од плеј-оф фазата. Струга останува на две победи, а следен предизвик за избраниците на Наум Танески ќе биде натпреварот со Прилеп, додека Бутел Скопје ќе гостува во Велес кај дебитантот Бисинов.
Бутел Скопје го започна натпреварот според посакуваното, до средина на првиот дел водеше со два-три гола разлика, а гостите од Струга во 14 минута израмнија на 8:8 и од тој момент се започна од нула. Гостите главно преку Мијушковиќ и Костоски доаѓаа до гол, а домашниот тим во последните десет минути од првиот дел со подобрата игра, која беше надополнета со неколку интервенции на Блажески, успеа да се одлепи колку-толку.
По нерешените 12:12, составот на Кузмановски направи серија од 4:0, дојде до 16:12 и на пауза замина со предност од плус четири, 17:13. Домашниот тим во вторите 30 минути константно водеше со солидна позитива, во 40 минута имаше 23:18 и до крајот не им дозволи на гостите резултатски да се доближат.
Најефикасен во победничката екипа беше Дејан Михајловиќ, кој постигна шест погодоци, по пет запишаа Димитар Узунчев и Христијан Милошески. Голманот Бојан Блажески имаше 18 одбрани. Во поразениот табор Ненад Костоски беше стрелец на девет гола, еден помалку постигна Богдан Мијушковиќ.