Ракометарите на Бутел Скопје победнички се враќаат од гостувањето кај Дуделанж и се на чекор за првпат во клупската историја да прескокнат една европска пречка. Избраниците на Горан Кузманоски победија со 31-27 и сега останува да ја одработат и домашната задача следниот викенд.
Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, но потоа на сцена стапија голманот Трајкоски, браќата Узунчеви и Николов, па Бутел Скопје се одлепи на плус шест, 14-8.
Домашниот стратег побара тајм-аут и Дуделанж успеа да ја преполови негативата. Потоа и Кузманоски го искористи своето право на минута одмор, Бутел одново беше на ниво и на пауза замина со плус четири, 17-13.
Во второто полувреме Дуделанж во неколку наврати ја намали негативата на минус еден, но немаше сили за комплетен камбек. Трајкоски одново беше на ниво, Николов сигурен реализатор на седмерците и на крајот Бутел славеше со 31-27.
Николов заработи црвен картон по третото исклучување на две минути до крајот, Дуделанж врза два гола во серија за 31-26, па Кузманоски побара тајм-аут. Исклучен беше и Спасовски, домаќините дадоа уште еден гол и мечот заврши.
Николов имаше девет гола за Бутел Скопје, седум даде Тодор Узунчев, а брат му Димитар стрелаше пет пати во мрежата на Дуделанж. Голманот Трајкоски имаше 13 одбрани со 33% успешност. Во домашниот состав, браќата Етуте комбинираа 13 гола, а Келер даде шест.
Реванш натпреварот меѓу Бутел Скопје и Дуделанж е закажан за 13 септември во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.