Ракометарите на Бутел Скопје не успеаја да освојат бодови на последниот суперлигашки наттпревар оваа сезона, откако „сино-белите“ од Автокоманда славеа со 33-28.
Ова беше последен натпревар за двете екипи во 2025 година, па сега може да ја планираат паузата и зимските подготовки. Момците на Лазаров сега имаат 29 бодови на третото место, но в четврток Охрид ќе се искачи на таа позиција ако запише очекуван триумф над Радовиш.
Бутел Скопје на четири кола до крајот на регуларниот дел останува на 18 бодови и петто место на табелата, со големи шанси да заврши во ТОП 6 напролет и да разигрува за титулата со најсилните.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Димитар Узунчев со седум и неговиот брат Тодор, кој даде пет гола, а Трајкоски запиша девет одбрани. Во гостинскиот состав се истакнаа Никола Костески со осум и Мартин Серафимов со седум гола, додека голманскиот тим Галевски и Кизиќ имаа 11 одбрани.
Гостите поведоа со 4-0 по пет минути игра преку одличниот Костески од линијата од седум метри, а Бутел го даде првиот гол исто така од пенал во шестата минути преку Спасовски. Момците на Лазаров ја одржуваа разликата и во еден момент имаа и плус седум, а на паузата беше 18-12.
Бутелци заиграа подобро во вториот дел, особено во одбраната, Трајкоски беше добар на голот и успеаја да се доближат на минус три, 25-22, па тимот од Автокоманда мораше во финишот добро да се испоти за да ги однесе бодовите.
Сепак разликата не беше намалена уште повеќе за да има драма во финишот и гостите се израдуваа на бодовите, 33-28.

























