Ракометарите на Бутел Скопје по осмипат во осмата сезона во суперлигашката конкуренција се пласираа во разигрувањето за титулата.
Избраниците на Горан Кузмановски во клучниот натпревар против Тиквеш не дозволија никаква неизвесност и успеаја да слават со убедливи осум гола разлика, 33-25.
Домашните поведоа со 6-1 по шест минути игра и најавија од стартот дека бодовите ќе останат дома. До паузата беше 17-11, а потоа ривалот успеа да намали на минус три.
Сепак беше јасно дека нема да има дилеми во второто полувреме, иако Бутел остана без еден од најдобрите, Дејан Михајловиќ, кој доби црвен картон во финишот на мечот.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Михајловиќ со седум и Шилегов со пет гола, а голманот Трајкоски имаше десет интервенции. Во составот на Тиквеш се истакнаа Коцев со осум и Димовски со седум погодоци.
По овој меч познати се сите патници во плеј-офот – Еурофарм Пелистер, Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Тиквеш и „сино-белите“ од Автокоманда.

























