Во второто коло од Супер лигата нема класичен дерби натпревар, но ако треба да се одбере еден што ќе го понесе тој епитет, тоа е мечот во СРЦ „Билјанини Извори“ меѓу Охрид и Бутел Скопје.
Охриѓани имаат квалитетен и избалансиран состав, со по најмалку двајца ракометари на секоја позиција, додека Бутел оваа сезона донесе многу млади ракометари, кои се желни за докажување, но немаат многу суперлигашко искуство зад себе. Домашните ќе ја имаат фаворитската улога, но ќе биде интересно да се види каков отпор ќе пружат момците на Горан Кузманоски.
„Сино-белите“ од Автокоманда по триумфот над Вардар во првата рунда, ќе имаат лесна задача против новиот суперлигаш Радовиш, додека шампионот Еурофарм Пелистер ќе брка втора сезонска победа против Струга. Битолчани кои веројатно ќе имаат комбиниран состав меѓу двете европски средби во Лигата на шампионите, се очекува да немаат многу проблеми за нови два бода против младиот состав на гостите.
Куманово по дебаклот во првото коло ќе го пречека засилениот Прилеп. Домашните имаа проблеми со повредени ракометари и со навреме нерегистрирани засилувања, но се очекува сега комплетни да му се спротистават на гостинот, кој осоколен по бодот со Пролет оди на гостински триумф.
Поради европските обврски на Тиквеш и мечот со грчката Драма во Европскиот Куп, натпреварот со Пролет ќе се игра в среда на 18 септември.
Супер лига, 2 коло:
13/09, 18:00, Вардар – Бисинов
14/09, 12:00, Алкалоид – Радовиш
14/09, 17:00, Куманово – Прилеп
14/09, 18:00, Еурофарм Пелистер – Струга
14/09, 20:00, Охрид – Бутел Скопје
18/09, 19:00, Пролет – Тиквеш