Екипата на Бутел Скопје на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа дојде до важна победа од 33:28 во натпревар од 17. коло од суперлигашката конкуренција. Бутелци со оваа победа направија голем исчекор кон пласман во плеј-оф фазата, сега има 18 бодови на свое конто, додека Прилеп останува на 14.
По двете технички грешки на Прилеп, гостите постигнаа два гола во низа за 2:0. Домаќините со двата гола на Давид Трајкоски израмни на 2:2 во 5-та минута. Следуваше голема борба на теренот, а избраниците на Божидар Мојсов, со добрата игра во одбрана, дојдоа до 7:4.
Овие ,,плус три” на Прилеп беа знак за Бутел дека треба да заигра поангажирано во нападите, но и да ги намали техничките грешки. Левото крило Трајкоски беше непогрешлив од контри и со својот 4-ти гол кон средината на првиот дел ја врати предноста од плус три за својот тим, погоди за 9:6.
Сепак, Бутел се врати игра, а во последните десет минути од првиот дел двете екипи имаа свои моменти.Избраниците на Кузманоски полека влегуваа во ритам и на полувреме заминаа со минимална предност од 17:16.
Гостите добро го отворија вториот дел и по десет минути игра дојдоа до солидни плус седум, 24:17. Прилепчани освен што не реализираа во моменти кога Бутел ја правеше разликата, немаа многу среќа, погодија дури пет стативи.
Кризата во Прилеп беше прекината дури во 44-та минута, потоа следуваше гол на Кастратовиќ од пенал за намалување на разликата на минус шест, 25:19. На моменти домаќините се закануваа, но Бутел до финишот одржуваше солидна предност.
Одлично издание на голот на Бутел Скопје имаше Блажески, а стрелците ги предводеше Филип Николов со девет гола, додека Христијан Милошески постигна шест. Во составот на Прилеп, Божидар Илиески имаше шест, а по пет реализации запишаа Владан Кастратовиќ и Давид Трајкоски.