Бутел го намачи Вардар – „црвено-црните“ сепак остануваат лидери на табелата

Вардар останува перфектен и по 9. коло на Супер лигата, но за двата освоени бодови мораше добро да се намачи против Бутел. На крајот „црвено-црните“ победија со 36-30 (19-18), но имаше периоди од мечот кога гостите не само што израмнуваа, туку имаа шанса и да поведат. Крајниот резултат не го одразува она како изгледаше средбата во најголем дел.

Бутел играше без притисок против фаворитизираниот Вардар, и тимот на Горан Кузманоски повторно покажа дека имаат квалитет за најмалку играње во плејофот. Остануваат на 5. место на табелата, два помалку од Охрид, а два повеќе од Пролет.

Играа вардарци без Кавада, Пинто, Горига кои се на листата на слободни играчи, и без повредените Лазаревски, Кеита и Стаменковиќ.

Почетокот на средбата навестуваше победа за домаќините, очекувана, според рејтингот и фаворитската улога што ја има „црвено-црните“. И така беше се до 14 минута кога Вардар преку Ќосевски зголеми на 11-7, што дотогаш беше највисоката предност, односно неколкупати домаќините имаа предност од четири гола.

И тука застана Вардар, а се разбуди Бутел. Гостите имаа убва серија со која дојдоа до негатива од само еден гол (12-11) во 19 минута. Од тогаш па до крај на првите 30 минути Бутел беше сериозне ривал. Успеаја гостите во 23 минута да израмната на 15-15, а потоа иако имаа негатива од 19-16 на полувреме да заминат повторно со само гол негатива, 19-18.

Само што почна вториот дел Бутел израмни на 19-19, а имаа шанса дури и да поведат но шутот на Николоски заврши во стативата. Потоа за осум минути борба на терен, Вардар успеа да се врати повторно на оние „плус 4“ што неколкупати ги имаше во првото полуврем, и да поведе со 24-20. Боно потоа со пробив низ одбраната на Бутел зголеми на највисоките дотогаш 25-20.

Кога ја направија оваа предност вардарци не дозволија повторно да бидат „изненадени“ и тие пет гола ги задржаа, а со предност од 33-27 влегоа во последните пет минути од мечот. Рутински го одработеа остатокот, и на крај завршија со позитива од 6 гола

Николас Боно со 7 гола, и Филип Талески со 6 беа најефикасни кај Вардар. Голманот Милош Валах имаше 10 одбрани. Кај гостите Дејан Михајловиќ даде 8 гола, а Филип Николов и Димитар Узунчев по 5. Голманот Благојче Трајкоски имаше 9 одбрани.

Во следното коло на почетокот на ноември, Вардар гостува кај Пролет, а Бутел е домаќин на Охрид.